Skip to main content
Македонија

Со новото упатство на АВМУ – Левица без пристап до медиумите, тврди Апасиев

24/09/2025  08:50

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, преку објава на Фејсбук жестоко реагираше на, како што вели, „хибридниот вмроиден режим“ кој во дослух со директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, подготвува „финален удар“ врз неговата партија пред претстојните избори.

Според Апасиев, со „креативно толкување“ на Изборниот законик и новото Упатство за рекламирање, Левица ќе биде оштетена за околу 350 до 400 илјади евра. Тој тврди дека на овој начин не само што ќе и бидат ускратени парите кои по закон и следуваат за платено политичко рекламирање, туку практично ќе и биде забранет пристап до националните телевизии, порталите и другите медиуми – дури и доколку сака самата да плати.

Апасиев најави низа тужби и кривични пријави против членовите на Советот на АВМУ и побара Уставниот суд со времена мерка да ја суспендира примената на ова, како што го нарече, „драконско и контроверзно упатство“.

„Ова е смислен недемократски удар врз парламентаризмот и плурализмот, кои се уставна категорија“, напиша лидерот на Левица, додавајќи дека според новите правила, на партијата ЛДП со еден пратеник би и следувале 300 илјади евра за ТВ реклами, а на Левица со шест пратеници – нула евра и забрана за рекламирање.

„За ова, некој ептеееееен дебело ќе го крка!“, заврши Апасиев во својата објава.