Skip to main content
Македонија

Со европското знаменце и скратената постапја за измените на Кривичниот законик, за навек се уби правото и правдата во Република Македонија

24/01/2025  12:35

Пишува: Проф д-р Јове Кекеновски

Срамните измени и дополнувања на Кривичниот законик беа направени на 06 септември 2023 година. Измените беа на предлог на Владата предводена од Димитар Ковачевски. Владата ги утврдила предлог-измените на Кривичниот законик на седницата одржана на 29 август 2023 година, но јавноста не беше информирана за тоа. Според договореното експресно е закажана седница на Собранието на РМ. На 125– тата Пленарна седница на Собранието во скратена постапка ги усвои предложените измени со 48 гласа „за“, 36 „против“ и еден „воздржан“. За жал немаше поднесено ниту еден Амандман на овие прелог измени.

Да потсетам дека со овие измени се дозволи свесно побрзо застарување на кривичните дела кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и на злосторничко здружување. Еве само дел од измените: со предложените измени на членот 353, став 3, се намали долната, а се воведе и горна граница на казна затвор за кривично дело злоупотреба на службената положба. Односно, поранешното решение пропишуваше казна затвор од најмалку три години, а сега таа е ограничина на најмалку една и најмногу четири години. Изменети се одредбите за „Несовесно работење во службата“ каде наместо казна затвор од најмалку три години за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета се постави граница – од шест месеци до пет години. Се дозволи намалување на пропишаните казни за организаторот и за членовите на групите означени како злосторничко здружување, Се укинаа проширената конфискација за нелегално стекнат имот како и други сериозни наменски и свесни сквернавења на постојниот законик во интерес на одреден број поединци опфатени со кривичните дела кои беа во тек. Срамно, жално и бедно.

Со еден збор кажано најголем дел од кривичните дела за кои се водеа сериозни кривични постапки експресно застареа и станаа неказниви.

Бидејќи оваа помина како што помина, а пратениците и Владата си ја завршија работата со изговор дека се работи за реликти од минатото како и со потребата од усогласување со Директивите на ЕУ, редно е сега ние граѓаните да повлечеме потег.

Затоа предлагам:

⦁ На предлог на Владата министерство за правда да изготви јавен поименичен список на сите оние кои учествувале во подготовка и донесување на срамниот закон. Овој список да биде јавно објавен со сите медиуми.
⦁ Јавен список на сите оние кои се опфатени со овие измени односно ,,амнестија“
⦁ Да се изнајде начин со законски измени на постојната регулатива на сите учесници кои свесно учествуваа во убивање на правото и правдата и сквернавње на Кривичниот законик со кој се нанесе ненадоместлива штета на државата и на нас граѓаните, во иднина да им се забрани да извршуваат јавна функција.