
Со џипови и мотори, денеска љубители на природата и убавините на планината Кожуф, организирано реализираа заедничка акција за посета на неколку локации од регионот близу македонско – грчката граница, на кавадаречка територија. Десеттата по ред адреналинска тура на Кожуф, беше во организација на офроад клубот „Трибор“ од Кавадарци.
– Ова е всушност јубилејно по ред вакво заедничко возење и дружење низ овој прекрасен предел. Стартувавме од центарот на градот, па преку селото Рожден, месностите Арничко, Мешник, Трибор, караулата Голем Козјак, месноста „Мала круша“, реализиравме уште една незаборавна авантура со многу позитивна енергија и доживувања за кои ќе се раскажува, рече за МИА, претседателот на „Трибор“, Пепи Ганчев.

Тој нагласи дека целта е да се ужива во убавините на овој крај, што привлекува сѐ поголемо внимание кај домашните и странски посетители и алтернативни туристи.
Најстарото возило учесник во акцијата, беше џип постар од 60 години, своевремено донација по земјотресот во Скопје, што едно време бил користен и како возило за медицинска помош.