
Обилниот снег што денеска ја зафати Холандија предизвика големи проблеми во сообраќајот, поради што беа откажани стотици авионски летови, а железничкиот сообраќај беше целосно во прекин, јавува Ројтерс. Најпогоден е аеродромот Схипхол во Амстердам, каде што се откажани околу 500 летови, а до пладне беше суспендиран и дојдовниот авионски сообраќај. Дел од летовите беа пренасочени кон други аеродроми во регионот.
Снежните врнежи го парализираа и железничкиот сообраќај во пошироката област на Амстердам, додека на патиштата се бележат значителни доцнења и повеќе сообраќајни незгоди. Надлежните служби апелираат граѓаните да ги одложат патувањата, освен ако не се неопходни, бидејќи временските услови се очекува да останат неповолни и во следните денови.
