Skip to main content
Македонија

СМС од државата – порака за исклучување

14/03/2026  10:24

Пишува: Фатмир Битиќи-пратеник во Собранието

Вредносниот карактер на државата и на нејзините институции најмногу се покажува тогаш кога тие имаат моќ над граѓанинот – кога носат одлука, кога издаваат наредба или кога извршуваат санкција. Токму во тој контакт се гледа дали институциите во граѓанинот препознаваат рамноправен човек или само број во системот.

Одлуката на Уставниот суд во случајот со „Безбеден град“, а уште повеќе ставовите што беа јавно искажани околу употребата на албанскиот јазик, не може да се интерпретираат само како уште една правна епизода. Станува збор за симптоми на една подлабока политичка состојба во државата.

Формално, Уставниот суд се изјасни дека не е надлежен да ја оценува примената на законското решение. Но политички и морално, прашањето останува отворено со сета своја вредносна тежина и значење за нашето општество: каква порака испраќа државата кога смета дека може да те евидентира, следи и санкционира, а притоа не мора да ти се обрати и на другиот службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, како што предвидува Амандман V од Уставот. Во јавната расправа, претседателот на Судот Дарко Костадиновски рече дека пораката треба да биде на македонски, а добро е и на англиски, додека албанскиот, според таа логика, би дошол подоцна, во текот на постапката. Во таа една реченица е собрана целата суштина на проблемот – ако за странецот постои прагматична грижа пораката да биде разбирлива, тогаш уште повеќе мора да постои уставна и демократска обврска сопствениот граѓанин да биде третиран рамноправно.

Токму затоа овој став не е само правно погрешен, тој е суштински исклучувачки. Затоа што албанскиот јазик не го третира како внатрешна уставна реалност на државата, туку како нешто што може да биде одложено, оттурнато, пренесено во некоја „подоцнежна“ фаза. Но, достоинството, еднаквоста и уставноста не пристигнуваат подоцна, тие или постојат или не во првиот момент кога државата ти се обраќа.

Но ова однесување на Уставниот суд не се случува во политички вакуум. Напротив, тој природно се вклопува во поширокиот наратив на сегашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ државата да се замислува како вертикала на командување, а не како хоризонт на рамноправност. „Сејф сити“ беше протнат како проект за брза ефективност и дисциплина. Измените на Законот за прекршоците беа донесени по скратена постапка, а самото образложение ја нагласуваше брзината, ефикасното санкционирање и ефективната генерална превенција. Тоа само по себе не е спорно кога станува збор за безбедност во сообраќајот и заштита на животот на граѓаните. Но тоа станува длабоко спорно кога на логиката на контрола ќе се надоврзе ставот дека државата може брзо да те казнува, а не мора целосно да те признае.

Во тоа е и суштината на авторитарниот инстинкт на државниот организам кој секогаш посакува граѓанин што е лесно читлив, дисциплиниран и на едноставен начин управуван. Не сака сложеност, ниту пак различност која бара институционална чувствителност, а уште помалку и инклузивност што ја ограничува волјата моќта да се практикува без доволна чувствителност кон различноста. Во овој контекст, различноста се редуцира на административен проблем, а јазичната рамноправност се претвора во непријатна обврска. Оттука и одлуката на Уставниот суд е огледало на политички поглед на државата, во кој некои граѓани постојано мора да се борат да бидат признаени.

Во политичкиот простор на татковината, постои судир на две идеи за функционалната поставеност на државата. Едната е демократска и инклузивна, во која државата е силна тогаш кога секој човек се чувствува виден, признат и еднаков уште во првиот контакт со институциите. Другата е авторитарна, во која државата прво наредува, санкционира, дисциплинира, а дури потоа, ако мора, објаснува. Во првата, правото е мост меѓу граѓанинот и институцијата, во втората, правото, или поточно неговата интерпретација, е алатка на надмоќ.

И затоа ова не е спор за СМС-порака, туку спор за карактерот на Македонија. За тоа дали ќе биде заедница на рамноправни граѓани, во која институциите ќе бидат чувари на достоинството или продолжена рака на еден авторитарен политички наратив.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.