
Градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски преку Фејсбук ја информираше јавноста дека општината треба да плати над 127 милиони денари (два милиони евра) поради невратени комуналии на претходните сопственици на парцелите кај стариот Скопски Саем, сега Ист Гејт Мол.
„Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.
Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште. Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд. По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари“ пишува Стефковски.
Овој последен случај повторно ја отвори старо-познатата македонска дилема: кој е виновен – претходниот или сегашниот?
Но ако темата се гледа надвор од дневнополитичкиот клинч, прашањето не е толку едноставно. Затоа што тука не станува збор само за потеклото на долгот, туку за начинот на негово управување низ годините.
Што кажува минатото?
Поранешниот градоначалник Борис Георгиевски (2017–2021) при предавањето на функцијата јавно соопшти дека Општина Гази Баба ја оставил без долгови, со над 3 милиони евра средства на сметка и со низа реализирани и започнати инфраструктурни проекти.
Тоа е фактичка состојба која никогаш не беше официјално демантирана со финансиски извештаи што би покажале спротивно. Истовремено, судскиот спор со инвеститорите кај поранешниот Скопски саем бил во почетна фаза и тужбата е поднесена во 2020 година.
Со други зборови: проблемот постоел, но финансиски не бил материјализиран во форма што би ја блокирала општината.
Што направи сегашното раководство? Актуелниот градоначалник, кој е веќе втор мандат на функција (2021–2026), во својата последна изјава целосната тежина на пресудата ја лоцира во периодот 2017–2021, оценувајќи ја како „јасен доказ за неодговорно работење“.
Но тука се појавува клучното прашање што се случувало во шесте години по преземањето на функцијата?
Фактите се следни: Главниот долг изнесувал околу 73,4 милиони денари; Денес, со камати, износот е 127 милиони денари; Разликата од над 50 милиони денари е исклучиво камата, генерирана по 2020 година
Каматата не е историска категорија. Таа не се „наследува“. Таа се создава со време – и со одлуки, или со нивно отсуство.
Судска постапка не значи врзани раце
Еден од најчесто користените аргументи на институциите е дека „постапката била на суд“. Но правната практика е јасна:
судска постапка не забранува вонсудска спогодба, делумна исплата или проактивно намалување на финансискиот ризик
Особено ако институцијата процени дека шансите за губење на спорот се реални – што подоцна Апелациониот суд и го потврди.
Токму тука одговорноста станува управувачка, а не историска.
Случајот дополнително добива тежина ако се земе предвид примерот на Град Скопје кој според закон добива 60% од комуналиите од општините.
Па така, Град Скопје го платил својот дел уште во 2023 година, Општина Гази Баба – не
Тоа значи дека барем една од инволвираните институции препознала дека чекањето ќе создаде поголема штета. Другата – не.
Каде завршува алибито „наследено“?
Факт е дека спорот потекнува од претходен период, но факт е и дека актуелниот градоначалник има безмалку шест години институционална контрола, сега има и втор мандат, има пристап до адвокати и правни служби, како и јасен пример од друга јавна институција (Град Скопје)
Сето ова ја прави тешко одржлива тезата дека сè е „туѓа вина“.
На крајот, ова не е приказна за „црно и бело“, ниту за апсолутна вина на една страна. Но истовремено е јасен пример како непостапувањето е исто така одлука – и чини пари.
Граѓаните на Гази Баба денес не плаќаат само за грешките од минатото, туку и за пропуштените шанси во сегашноста.

