
„Довербата во денарот и натаму е стабилна, без значителни промени во однесувањето на депонентите”, истакна гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески во гостување во емисијата „Тема на денот” на Сител телевизија.
„По краткотрајни реакции карактеристични за секоја неизвесност, состојбата брзо се стабилизира. Нема намалување на депозитите, напротив, тие бележат раст, што е јасен показател за довербата на граѓаните во банкарскиот систем”, посочи гувернерот.
Банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитал и ликвидност. Адекватноста на капиталот изнесува околу 19%, обезбедувајќи значителен заштитен слој во услови на неизвесност.
Осврнувајќи се на инфлацијата, гувернерот истакна дека тековните случувања во светот носат одредени ризици, пред сè преку цените на енергентите и нарушувањата во светските синџири на снабдување. Сепак, Народната банка внимателно ги следи состојбите и е подготвена да реагира со сите расположливи инструменти.
Како дополнителен столб на стабилноста беа посочени девизните резерви, коишто на крајот на февруари изнесуваа над 5,5 милијарди евра, што е значително повисоко ниво од 70% во однос на периодот пред пандемијата, обезбедувајќи сигурна поддршка за стабилноста на девизниот курс.
Во однос на изборот на вицегувернери, гувернерот истакна дека постапката се одвива согласно законските процедури. Предложени се двајца високо искусни професионалци од Народната банка – госпоѓата Ана Митреска, досегашен вицегувернер со искуство во монетарна политика и истражување, и господинот Игор Величковски, експерт за платни системи и интеграција во регионални и европски платежни структури. Овие предлози обезбедуваат континуитет во работењето и дополнителна стабилност на институцијата.
