
Скринингот во Трубарево извади 18 жители со здравствени последици, кои беа упатени на понатамошни здравствени третмани во Клиниката за пулмологија. На дводневните прегледи во зоната кај мобилните тимови доброволно се пријавија 214 жители, кои изјавија дека имале симптоми на отежнато дишење, вртоглавица и печење во грлото. Министерот за здравство рече дека протоколот предвидува да има уште два скрининга во Трубарево.
– По 3 и по 6 месеци исто така ќе имаме дводневен скрининг. Дали е доволно? На првиот и вториот ден оценувам дека граѓаните што решија да му се подложат на тој протокол беа таму. Доколку има други заинтересирани, ќе продолжиме со скринингот. Испративме е-маил до институциите, ако некој од вработените како пожарникари, внатрешни работи или одбраната се пријават во болниците, изјави Алиу.
Според протоколот, повторно ќе се проверуваат трите хемиски елементи: вода, почва и воздух на таа зона за да се види дали квалитетот на воздухот, водата и земјоделските производи е во рамките на дозволените норми. Министерот Алиу рече дека наскоро ќе се направи и дополнително мерење за да се уверат жителите дека можат да ги консумираат произведените земјоделски култури.
– По првото паѓање на дожд исто така ќе направиме мерење, според тие параметри Институтот за јавно здравје има информирано, исто така и ние како Министерство за здравство за тие елементи. Се надевам дека и другите надлежни органи ќе бидат активни и ќе излезат со резултати, а како МЗ ќе излеземе со препораки, вели Алиу.
Инаку, три дена по пожарот што избувна, анализите на Институтот за јавно здравје не утврдија присуство на радиоактивност во воздухот и почвата, ниту тешки метали во водата. ИЈЗ информираше дека имало само зголемување на два параметри – бакар и цинк, што беше забележано само на едно испитувано место – површинскиот слој каде што гореле литиумските батерии.
Извор:ТВ21