
Иако „Водовод и канализација – Скопје“ останува лидер во водоводниот сектор според приходите, најновите финансиски податоци откриваат сериозни проблеми во работењето на јавното претпријатие.
Според извештаите на „Бизнис Мрежа“, скопскиот „Водовод“ ја завршил 2024 година со приходи од 27,3 милиони евра – највисоки во земјава. Но, тоа претставува пад од 4,18% во споредба со претходната година, а наместо добивка, претпријатието забележало рекордна загуба од околу 4,2 милиони евра (256 милиони денари).
Последен пат добивка е евидентирана во 2020 година, во износ од околу еден милион евра.
Претпријатието останува најголем работодавач во секторот, со 1.084 вработени, но и оваа бројка бележи пад од 4,16% на годишно ниво. Речиси половина од приходите се насочени за исплата на плати – во 2024 година за нето плати биле издвоени 490 милиони денари, вклучувајќи ја и 13-тата плата, додека основниот фонд изнесувал 405 милиони денари.
Просечната нето плата изнесувала околу 31.660 денари, што е раст од 5,5% во однос на 2023 година.
Вкупните трошоци на „Водовод“ достигнале 1,9 милијарди денари (околу 31,4 милиони евра), што претставува зголемување од 10,5% во споредба со претходната година.
Стабилноста на скопскиот „Водовод“ е од особено значење, бидејќи преку меѓусебна распределба на средства од градскиот буџет, од неговото работење зависат и други јавни претпријатија – „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“.