
Скопје денеска остана без јавен превоз, што предизвика хаос и голем револт кај граѓаните. Најпогодени се учениците и студентите, кои со часови чекаат на автобуските постојки без ниту еден автобус, а дел од нив се принудени пешки да одат на училиште, објави 4NEWS.mk.
На социјалните мрежи граѓаните масовно реагираат и обвинуваат за целосен колапс на јавниот транспорт. „НЕМА АВТОБУСИ ЕЕЕЕЈ. НЕМААААА! Како децата ќе стигнат на прв час?“, коментира разгневен родител.
Други сведочат дека по два и пол часа чекање поминале само два автобуси, преполни со патници во кои речиси и не можело да се влезе. „Децата ми се враќаат пешки од училиште, по 90 минути пешачење, бидејќи нема автобуси!“, се вели во друга реакција.
Слични проблеми има и во населбите Лисиче, Драчево и Пинтија, каде граѓаните јавуваат дека автобуси воопшто не сообраќаат. Се споменуваат дефекти на возила, недостиг од гориво, па дури и запалени автобуси. „Еден се запалил, друг не застанува затоа што е преполн. Во 9 часот децата треба да излезат за да стигнат за втора смена?! Катастрофа невидена!“, реагираат родители.
Гневот расте и поради тоа што надлежните институции сè уште немаат официјално објаснување за колапсот во јавниот превоз. Од Град Скопје претходно информираа дека компанијата „Пуцко Петрол“ го прекинала снабдувањето со гориво за ЈСП, што дополнително ја продлабочува кризата.