Младинскиот образовен форум (МОФ) ќе биде домаќин на Европското дебатно првенство за средношколци, кое ќе се одржи во Скопје, во февруари 2026 година. Овој настан претставува признание за долгогодишните напори и посветеност на дебатерите, тренерите и на координаторите, кои се дел од дебатната програма на МОФ.
Пред 20 години, во 2005 година, Македонија беше домаќин и на Светското дебатно првенство, кое се одржа во Струга, а тоа беше можност за создавање нови пријателства и размена на идеи што инспирираа идни генерации. Оттогаш па до денес дебатната програма на МОФ постојано расте и напредува, од зацврстување на локалните клубови до остварување меѓународни успеси. Дополнително, МОФ има организирано три меѓународни дебатни првенства.
Што носи 2026 година?
Во 2026 година Младинскиот образовен форум повторно ќе ги отвори вратите за тимови од цела Европа нудејќи им ја уникатната можност да ги искусат македонското гостопримство и енергијата на Скопје. Подготовките за овој голем настан веќе се во тек, а нашата цел е да организираме првенство, кое ќе постави нови стандарди, ќе се памети долго и ќе придонесе кон уште поголемо меѓународно етаблирање на нашата дебатна заедница. Дополнително, целта ни е да ги инспирираме младите дебатери и да ја промовираме дебатата како алатка за критичко размислување, аргументирано изразување и градење позитивни промени во општеството.
Дебатната програма на МОФ нуди бесплатна годишна програма за средношколци, со неделни предавања во дебатни клубови, водени од обучени предавачи врз основа на стандардизиран курикулум. Средношколците учат за основите на дебатата, аргументирањето, критичкото размислување, тимската работа и јавното говорење преку средношколски дебатен формат.
На годишно ниво се одржуваат турнири, на кои најдобрите тимови и говорници добиваат можност за учество на меѓународни натпревари. Во рамките на програмата е вклучена и универзитетска дебата, со акцент на студентските формати и британската парламентарна дебата. Целта е да се поттикне култура на дијалог, критичко анализирање на општествените прашања и развивање на ораторските способности кај младите.