Skip to main content
Спорт

Скопје домаќин на олимписки G1 таеквондо спектакл

02/04/2026  16:09

На 4 и 5 април, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи меѓународниот таеквондо турнир „Скопје Опен – Рамус Г1″.

На турнирот ќе настапат над 900 натпреварувачи од повеќе од 40 земји, вклучувајќи ја и светската таеквондо елита, која ќе донесе врвен квалитет, атрактивни борби и вистинска демонстрација на врвниот олимписки спорт.

Турнирот е во организација на Таеквондо клуб Бутел и Македонската таеквондо федерација .

Станува збор за турнир од олимписка класа (G1), кој носи значајни бодови за пласман на Олимписките игри и претставува дел од официјалниот календар на Светската таеквондо федерација. Ова е воедно и најголемиот меѓународен таеквондо турнир организиран во нашата држава во последните 10 години, како и единствениот турнир во Македонија што носи бодови за олимписка норма, што му дава исклучително спортско и стратешко значење.

Домашната публика ќе има можност во живо да го проследи настапот на Дејан Георгиевски, кој ќе биде еден од главните адути на Македонија на овој престижен турнир, како и настапите на останатите македонски натпреварувачи со сериозен олимписки потенцијал.

Организацијата на овој турнир е уште една потврда дека македонското таеквондо не само што со години е лидер по резултати на меѓународната сцена, туку го потврдува својот примат и во организациска смисла, поставувајќи нови стандарди за спортски настани во земјата.