
Скопје се соочува со сериозна закана од дестабилизација на системот за водоснабдување, откако само за еден ден граѓаните потрошиле над 350 милиони литри вода, што е еквивалент на 140 олимписки базени.
Според податоците на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, просечната дневна потрошувачка по жител достигнала 664 литри, што е неколкукратно повисоко од европските стандарди и значително над потребите на едно домаќинство.
Од претпријатието предупредуваат дека најголемиот притисок врз мрежата се случува во попладневните часови, кога системот не може да ги издржи врвните оптоварувања, особено во високите зони на градот, каде често доаѓа до прекини во водоснабдувањето.
„И покрај секојдневните апели и мерки, се соочуваме со неконтролирана потрошувачка на вода за полевање бавчи, миење возила и полнење базени“, соопштуваат од ЈП Водовод и канализација.
Претпријатието упатува итен апел за рационална и совесна употреба на водата, особено во услови на високи температури и зголемени потреби.
Граѓаните кои забележат див приклучок, може да пријават на:
- ☎️ 02 3073 010
- 📧 kontakt@vodovod-skopje.com.mk
- 🌐 www.vodovod-skopje.com.mk
„Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници“, додаваат од претпријатието.
Според податоците од Пописот 2021, Скопје брои 526.502 жители, што значи дека градот колективно трошел повеќе вода отколку што системот може да одржи на дневна основа без ризик од колапс.