Skip to main content
Хроника

Скопјанец осуден на една година условно за коментари против ЛГБТ заедницата и повикување на насилство

08/05/2025  11:26

Скопјанец коментирал на објави на портали против Парадата на гордоста во Скопје и повикувал на насилство и омраза кон ЛГБТ заедницата, поради што Основниот кривичен суд Скопје го осуди на една година условна казна затвор за ширење расистички и ксенофобичен материјал на социјалните мрежи.

Обвинетиот ја признал вината и прифатил дека делото кое му се става на товар го сторил во време, место и на начин како што е опишано во поднесеното обвинение.

„Врз основа на тоа, Судот ја утврди како неспорна фактичката состојба дека сега осудениот на 26.02.2022 година, преку компјутерски систем во јавноста ширел репрезентации на идеи кои поттикнуваат омраза против маргинализирана група.

Од својот профил на социјална мрежа, 30-годишниот скопјанец коментирал на објави на еден информативен портал, кои се однесувале на организација на т.н. Парада на гордоста во Скопје. Во коментарите повикувал на насилство и поттикнувал омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата како припадници на маргинализирана група врз основа на сексуална ориентација“ соопшти обвинителството.

За делото судот го прогласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 1 година, која нема да се изврши доколку за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, велат дека активно го следат постапувањето во овие предмети за што е назначен посебен јавен обвинител, имајќи ги предвид европските стандарди за заштита од омраза и дискриминација.