
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело- Разбојничка кражба од член 238 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 29-годишник, на 12.10.2024 година, влегол во магацин на објект во градба на булеварот “Борис Трајковски” за да одземе разновиден електричен алат, калориметри и други предмети во вкупна вредност од околу 363.000 денари. Кога при кражбата бил затекнат од чувар на градилиштето, осомничениот употребил сила и закана дека ќе го убие, физички го нападнал со тупаници по лицето и тешко телесно го повредил. Потоа побегнал, носејќи со себе една вреќа украдени предмети.
Имајќи предвид дека осомничениот и претходно бил осудуван за кражби, како и начинот на кој го извршил ова дело, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од бегство и опасност да го повтори делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.