Skip to main content
Хроника

Скопјанец крадел лаптопи во општина Гази Баба, Обвинителството предложи притвор

03/06/2025  12:25

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил неколку дела – Тешка кражба од член 236 од Кривичниот законик и една тешка кражба која останала во обид, информираат оттаму.

„Од август 2024 до април годинава осомничениот 48 годишник А. И., во повеќе наврати вршел кражби во канцеларии на општина Гази Баба. Најпрво насилно откорнал метална решетка на прозорец и од кацеларија на службеникот за внатрешна ревизија одзел лаптоп компјутер вреден 18.000 денари. Потоа, неколку дена подоцна, насилно отворил друг прозорец и од канцеларијата на градоначалникот одзел уште три лаптопи во вкупна вредност од 74.000 денари“, наведено е во соопштението од Обвинителството.

Во април годинава, како што се додава, повторно насилно влегол во една од бараките, пребарувал и одзел лаптоп, бормашина и други предмети, вредни вкупно 41.100 денари. На 19 април 2025 осомничениот насилно ја отворил влезната врата на Миколошката лабораторија на Природно-математичкиот факултет и одзел вкупно шест лаптоп компјутери и 500 денари, односно вкупната вредност на одземените предмети е 208.576 денари.

„Два дена подоцна осомничениот насилно влегол и на Шумарскиот факултет, пребарувал во два кабинети и во читалната, но од непознати причини се откажал од намерата и без да земе ништо го напуштил местото на настанот. Оценувајќи дека опасноста осомничениот да повторува вакви дела е неспорна, како и имајќи ги предвид околностите кои укажуваат на ризик од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, се наведува во соопштението.