Skip to main content
Спорт

Скандал во женската лига: По два поништени гола, Љуботен се повлече од натпреварот

12/03/2026  00:35

Натпреварот од женската фудбалска лига меѓу екипите на АСС Јунајтед и Љуботен, одигран во Струга, беше прекинат пред истекот на регуларното време, откако гостинската екипа од Тетово го напушти теренот во самиот финиш од средбата.

Инцидентот се случил по спорна ситуација во завршницата на натпреварот. Фудбалерките на Љуботен постигнале погодок, но судиската тројка донела одлука тој да биде поништен, што предизвикало бурни реакции кај гостинскиот тим. Тетовските фудбалерки биле убедени дека голот бил регуларен и дека требало да биде признаен.

Незадоволството дополнително се зголемило со оглед на тоа што ова бил втор поништен погодок за Љуботен во текот на натпреварот. По куси расправии и негодувања кон судиите, гостинската екипа одлучила да се повлече од теренот, со што натпреварот практично бил прекинат.

Правдата на овој дуел ја делеше судијката Вјолца Изеири, со асистентите Филип Ицковски и Мартин Петковски.

Каков ќе биде конечниот епилог од овој инцидент ќе одлучуваат дисциплинските и натпреварувачките органи на Фудбалската федерација на Македонија, кои треба да утврдат дали ќе има службен резултат или ќе бидат изречени дополнителни санкции.