Skip to main content
Хроника

Скандал од Трубарево: Се претставувал како „бел маг“ и измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

06/07/2025  14:58

Полицијата уапси 54-годишен маж од скопското село Трубарево кој со години се претставувал како „бел маг“, лажно тврдејќи дека има паранормални моќи и така успеал да измами брачен пар од Берово за речиси 400.000 евра.

Жртвите, 76-годишен маж и неговата сопруга, од 2022 до 2025 година биле уверени дека нивниот син е под влијание на „зли магии“ што, според измамникот, го загрозувале неговиот живот. Токму затоа, под лажно уверување дека ќе ги „истера злите духови“ и ќе го спаси нивното дете, тој успеал да ги убеди да му даваат пари, најчесто по 5.000 до 6.000 евра во неколку наврати.

Измамата ја пријавил таткото на 3 јули во полицијата во Штип. Откако случајот бил пријавен, полицијата организирала акција, при што го означила договорениот износ што требало повторно да му се предаде на осомничениот. На 4 јули, во Берово, осомничениот и неговата 76-годишна мајка биле уапсени, а при претресот биле пронајдени 3.000 евра во готовина.

Според истрагата, измамникот со намера за лична добивка ги довел жртвите во заблуда претставувајќи се како „Божји човек“, „истерувач на зли духови“ и поседувач на „натприродни сили“. Против него е поднесена кривична пријава за дело измама.