Skip to main content
Македонија

„Сите идеали не вредат колку солзите на едно дете“ – Советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани низ солзи поднесе оставка

14/04/2025  12:40

Со силна емоција и солзи, советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе оставка од функцијата во Советот на Општина Кочани, обвинувајќи го општинското раководство дека е „болно по функции“ и дека приоритетите на граѓаните биле игнорирани.

– Барам прошка и им се извинувам на сите граѓани кои ми го дадоа својот глас. Не успеав да реализирам многу од ветеното, бидејќи тоа не беше важно за градоначалникот и раководството – рече таа, додавајќи дека наместо за јавниот интерес, тие се грижеле само за лични привилегии.

Во моменти кога Советот бираше в.д градоначалник, таа ја достави својата оставка до претседателот на Советот:

– Ова е страшно понижувачко и недостојно и за мене и за оние кои ме поддржаа. Тие што не ме знаат ќе осудуваат, но тие што ме знаат – ќе разберат зошто го правам ова.

Советничката посочи дека отсега ќе се посвети на своето повредено дете и на сите други деца што се соочуваат со болка:

– Сите идеали не вредат колку солзите на едно дете – рече таа, по што следуваше тишина и пауза на седницата, бидејќи многумина од присутните не можеа да ги задржат емоциите.