Skip to main content
Балкан

Сите гранични премини на Србија кон Шенген ќе бидат блокирани на 26 јануари

13/01/2026  19:44

Возачите на камиони од Србија и Босна и Херцеговина најавија дека на 26 јануари ќе блокираат сите гранични премини за товар кон земјите од Шенген зоната. Причина е новиот систем за влез и излез (EES), кој ги евидентира преминувањата на превозниците, а чијашто имплементација, според нив, не ги зема предвид нивните предлози за олеснување на процедурите. Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт од Србија, Неѓо Мандиќ, појасни дека протестот се однесува само на товарните терминали, каде камионите ќе бидат паркирани, така што увозот и извозот ќе запре, а синџирите на снабдување ќе бидат парализирани.

„Ништо не се случи. Оставивме рок од месеци и пол за решавање на проблемот, но без резултати. Затоа се одлучивме за подрастични мерки на протест“, рече Мандиќ.

Тој додаде дека EES го ограничува бројот на работни денови во Шенген, а постојните билатерални квоти за транспорт меѓу Западен Балкан и ЕУ не функционираат според очекувањата.