Skip to main content
Македонија

Синдикатот предупредува со години, М-НАВ уверува – колку е навистина безбедно македонското небо?!

22/09/2025  13:26

Нема импликации во однос на безбедноста, расипување на делови е нормална работа, вели Владими Ристески од М-НАВ за 24Инфо, по расипувањето на главниот радар, со што воздушниот сообраќај во македонското небо се соочува со предизвици поради ограничувања во радарското покривање на терминалната маневрирачка зона на Скопје (Skopje TMA).

На прашањето дали е возможно целиот систем да престане со работа и да дојде до комплетно затворање на небото над Македонија, бидејќи со години наназад се алармира за неговата застареност, Владимир децидно вели дека до такво нешто не може да дојде затоа што се е дуплицирано, и доколку едниот сервер се расипе, ќе може да се работи на другиот додека тој се сервисира.

“Секоја позиција ни е дулицирана. Имаме главно работно место и покрај него уште едно работно место што е дуплицирано, посебни компјутерски ситеми, се е посебно, не може се во еден момент да престане да работи”, истакна тој за нашиот веб портал.

Инаку уште во март месец е купен нов радар кој се уште не е монтиран, а како што изјави Ристески за 24Инфо се чекаше да помине летната сезона и поголемата фрекфенција на авио летови во екот на сезоната за истиот да биде монтиран, и како што потврди тој наскоро треба да биде монтиран.

“Се чекаше да помине летниот период и екот на сезоната, да не правиме демонтажа и монтажа на радар кој се наоѓа на кулата, за да не удираме врз нормална оперативна работа. Инаку радарот е стигнат и истоварен кај нас”, потврди тој.

Околу огласот за јавна набавка на резервни делоти, тој вели нема ингеренции за таа област бидејќи е директор на сектор за воздухопловна навигација, но од она што е запознаен има две набавки на резервни делови, а сепецификацијата на процесот и резервните делови биле малку проблематични, додавајќи дека и јавната набавка би била проблематична, затоа што нема кој да се јави и ќе треба истите да се завршат со потпишување на директни спогодби.

“Законот за јавни набавки нас малку ни ги врзува рацете, затоа што не ни дава простор да набавиме резервни делови од тој што е производител, туку прво треба да се помине цел процес во кој најпрво никој нема да се јави па потоа да се заврши набавката (на алтернативен начин). Не ни е прв пат но е ограничувачко.”, додаде Ристески.

Тој исто така истакна дека доколку и овој проблем со радарот е над 2 илјади евра, ќе треба да се истера целиот процес на јавна набавка, за што како што вели немаат време за чекање и ќе бараат со одлука на Владата да бидат изземени од итните работи доколку законски е возможно.

“Планот за јавни набавки изнесува 7 милиони евра, но ние реално можеме да потрошиме само 2,5 милиони евра. Тоа е затоа што сите тие системи и потсистеми ги ставаме како резервни делови и не знаеме кој ќе се расипе и кога. Не можете да поседувате резервни делови за се што поседувате”

На прашањето дали поради овие проблеми со јавните набавки може да треба да се почека и за решавањето на моменталниот проблем со радарот, тој уверува дека нема да се чека и дека ќе се бара начин истиот да биде решен.

“Ќе се направи нешто. Можеби на реверс ќе го земеме делот или на тестирање, па потоа ќе се тера целата законска процедура за набавка на нов. Тоа е многу комплексен дел кој не е во доменот на мојата работа, но свесен сум за тие проблеми”, истакна Ристески.

Од синдикатот на М-НАВ со години наназад се алармира за застареноста на системот кој датира од 1998 година, истакнувајќи дека доколку дојде проблем, односно негово расипување би дошло до целосно затворање на воздушниот простор.