
Обилни врнежи ја зафатија Словенија, а прогнозите за денеска и наредните денови не се нималку оптимистички. Некои реки веќе почнаа да се излеваат од коритата, а најлошото допрва доаѓа, пишува Журнал24.си.
Најинтензивни врнежи се очекуваат во западните и централните делови на земјата, поради што словенечката агенција за животна средина (АРСО) издаде портокалово метео предупредување за тие области.
Се очекуваат врнежи од 40 до 80 милиметри, а локално до 100 милиметри.
Реката Випава ќе почне да се излева во наредните часови, а нејзиниот понатамошен раст може да предизвика поплави во текот на попладневните и ноќните часови, особено во сабота – предупредуваат метеоролозите. Ќе се излеат и други реки, додека нагло зголемување на поројните текови се очекува во западна, централна и јужна Словенија.
Дождот попладне накратко ќе слабее, а во некои делови од земјата ќе престанува, но во вечерните часови повторно ќе се засилува и ќе се прошири низ цела Словенија. Можно е и локално невреме, особено на југ, додека снег ќе врне по Горенскиот регион.
Поради обилните врнежи зголемена е опасноста од лизгање на земјиштето, особено во западна и централна Словенија. Геолошкиот завод на Словенија предупредува дека одрони се можни и во други делови од земјата. Се повикуваат граѓаните да ги следат промените на теренот, зградите и косините, како и појавата на нови пукнатини, свлечишта и одрони.
Обилни врнежи од снег се очекуваат во северозападните делови од земјата и во алпските котлини, додека во петок и сабота во планинските предели ќе биде зголемен ризикот од снежни лавини.
Во Хрватска во текот на денот и утре ќе стигнат пообилни врнежи, а дожд и силен ветер веќе зафатија дел од земјата.
Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) издаде предупредување за денеска и сабота. Метеоролозите од ДХМЗ предупредуваат на обилни врнежи и можност од поплави во одредени делови од земјата. Поради поизразени врнежи за краток временски период, постои можност за нагло покачување на водостојот на помалите реки и потоци, што може да доведе до поплави, се вели во предупредувањето на ДХМЗ.
Најмногу дожд се очекува на подрачјето на Горски Котар, Лика и северниот дел на Јадранот, вклучително и Истра, каде се предвидуваат над 50 мм дожд на метар квадратен дневно, што го зголемува ризикот од поројни и урбани поплави.