Skip to main content
Свет

Силен земјотрес од 6,3 степени го погоди Еквадор (ВИДЕО)

25/04/2025  20:36

Земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди денес брегот на Еквадор, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC), при што се оштетени зградите во градот Есмералдас и привремено е затворен дел од нафтената инфраструктура.

Земјотресот се случил на длабочина од 23 км, соопшти EMSC.

Владата во прелиминарен извештај објави дека едно лице е повредено и дека неколку јавни згради и приватни домови се оштетени. Поради земјотресот, во некои области е прекинато снабдувањето со електрична енергија.

Претседателот Даниел Нобоа напиша во објава на социјалната платформа X дека владата работи на изградба на засолништа, доставување хуманитарна помош за децата и „помош со сè што му е потребно на населението“.

Државната нафтена компанија „Петроеквадор“ објави дека ги прекинала операциите во рафинеријата „Есмералдас“ и нафтоводот „СОТЕ“ како мерка на претпазливост по земјотресот, без да објави детали за потенцијалното влијание врз производството.

Еквадорскиот геофизички институт, кој ја процени јачината на земјотресот на 6,0, извести за втор земјотрес со јачина од 4,1 степени, кој се случи неколку минути подоцна во покраината Гвајас.