
Земјотрес со јачина од 7,0 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди подрачјето во близина на североисточниот крајбрежен град Јилан во Тајван, соопшти Тајванската метеоролошка служба. Епицентарот бил лоциран на околу 32 километри од градот, а засега нема информации за поголеми материјални штети.
Потресот, кој се случил на длабочина од околу 73 километри, бил почувствуван низ северниот дел на островот и ги затресол зградите во главниот град Тајпеј. Според надлежните служби, земјотресот е класифициран како категорија четири, што укажува на можност за помали оштетувања. Градските власти во Тајпеј информираа дека веднаш по земјотресот не биле регистрирани сериозни последици. Сепак, околу 3.000 домаќинства во регионот Јилан краткотрајно останале без електрична енергија. Тајван се наоѓа на спојот на две тектонски плочи и често е погоден од земјотреси. Во минатото, островот доживеал разорни потреси, меѓу кои и земјотресот во 1999 година со јачина од 7,2 степени, кога загинаа повеќе од 2.000 луѓе, како и трагедијата во 2016 година во јужен Тајван со над 100 жртви.

