
Изборот на новиот шеф на албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) привлече досега невидено дипломатско внимание. Рекорден број амбасади најавиле присуство на утрешниот состанок на Високиот совет на обвинители (КЛП), на кој ќе се избира новиот прв човек на институцијата.
Според КЛП, учество најавиле амбасадите на САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција и Италија. По селекцијата, утре ќе се одржат 45-минутни интервјуа со кандидатите Аднан Џоли, Долореза Мусабелиу, Елвин Гокај и Клодијан Брахо, по што 11-члениот совет ќе гласа.
Изборот на новиот шеф на СПАК се смета за клучен чекор во борбата против корупцијата и организираниот криминал, а силното дипломатско присуство ја нагласува важноста и потребата од транспарентен процес. Мандатот на актуелниот шеф Алтин Думани завршува на 18 овој месец, а функцијата без право на реизбор се извршува три години. Прв шеф на СПАК беше Арбен Краја, избран во 2019 година при формирањето на институцијата.
