Skip to main content
Македонија

 Сиљановска-Давкова разговараше со македонските мировници: Не е случајна огромната доверба на граѓаните во Армијата

27/12/2025  18:35

Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, преку видео-конференциска врска им се обрати на македонските мировници.

Во присуство на нивните семејства, таа на припадниците на Армијата, кои се на работни задачи во Косово, Босна и Херцеговина, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и во Германија, им се заблагодари за успешното извршување на тешките задачи и гордото претставување на македонската армија и држава.

Потенцирајќи ја нивната компетитивност со колегите од другите држави и армии, таа истакна: „Факт е дека каде и да сте, дали сте во околината, дали сте во Бугарија, дали сте на Косово или пак, сте многу подалеку, вие таму рамо до рамо со сите ваши колешки и колеги најпрофесионално ја извршувате работата “.

За неа, големата доверба на македонските граѓани кон Армијата, дома или надвор произлегува од стручноста, компетентноста, дисциплината и посветеноста на македонските војници.

Сиљановска-Давкова им посака добро здравје и брзо враќање меѓу своите најсакани.

Во весела, предновогодишна атмосфера, исполнета со детски џагор и радост од дружбата со Дедо Мраз и омилените јунаци од цртаните филмови, претседателката, министерот за одбрана и началникот на Генералштабот, им поделија новогодишни пакетчиња на насмеаните деца на мировниците и на децата на вработените во Министерството за одбрана, посакувајќи им Среќна Нова 2026 година!