
По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, денеска во Собранието се одржа седница на тема „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи”.
Покрај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на седницата се обратија и: Африм Гаши, претседател на Собранието, пратеничките Моника Зајкова, Дијана Тоска, Даниела Белимова, Калтрина Беќири и Јована Мојсоска, пратениците Фатмир Битиќи и Љупчо Пренџов и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Со оглед на траорната атмосфера во којашто го одбележуваме овој 8 Март, претседателката укажа на потребата од сериозни реформи насочени кон родова еднаквост и ставање крај на неподносливото насилство врз жените во македонското општество.
,,Долго се думав дали има смисла да зборувам по страотното банализирање на злото, наречено семејно насилство до степен на фемицид! Во траорна атмосфера по смртта на Ивана и Катја, Сизифовски напор е да потсетувам на женската историска борба за еднаквост, за цивилизациските стандарди, за конвенциите и резолуциите, за законите за превенција и заштита од семејно насилство, па дури и за измените на Кривичниот законик? Причина? Правниот илузионизам дека нормата ги решава хроничните проблеми, со длабоки корени во патријархалната и парохијална (не)култура, жилавата традиција, маскулираната политика, жедна за супериорност и победа, што изроди војни, чиишто најчести жртви се невините жени и деца.” – истакна претседателката.


