Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија

06/02/2025  20:15

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија, предводен од Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.

На средбата претседателката беше детално информирана за тековната работа и клучните алармантни наоди од Годишниот извештај за извршените ревизии.
Раководниот тим укажа на најризичните состојби и нужноста од нивно брзо и ефикасно надминување. Исто така, главниот државен ревизор ги презентираше тековните, како и планираните активности, согласно Годишната програма за работа.

Претседателката Сиљановска-Давкова изрази импресионираност од темелниот, стручен и професионален однос на ДЗР во вршењето на надлежностите, што ја вбројува во најпочитуваните државни органи дома, но и од надвор. Таа изрази особена поддршка за системскиот и транспарентен пристап кон работатата, укажувајќи на потребата од законско и домаќинско управување со јавните добра и средства, како и санкционирање на незаконските постапки.

Таа посочи дека почитувањето на наодите и препораките на ДЗР е суштинско за унапредување на отчетноста и транспарентноста во јавниот сектор.

Професионалноста и независноста на ревизорите беа истакнати како основни причини за високиот углед, рејтинг и доверба во Државниот завод за ревизија.

Се отвори прашањето за новиот Закон за државна ревизија, како и за потребата од гарантирање уставен статус на ДЗР, како гаранција за независност.