Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова го прими Иле Михајловски, одделенски наставник од Свети Николе, финалист за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година

24/01/2025  14:16

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на образованието денеска го примила Иле Михајловски, одделенски наставник во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе.

Михајловски е избран меѓу 50 финалисти од вкупно 5,000 номинирани наставници од 89 држави во светот за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, што ја доделува фондацијата Варки од Лондон, со поддршка од УНЕСКО и компанијата ГЕМС Еџукејшн.

– Наставникот ја запозна претседателката Сиљановска-Давкова со неговата апликација и процедурите за избор, како и со својата тридецениска работа и улога во и надвор од училиштето, преку развој на настава адаптирана за ученици со попреченост, поддршка на децата со социјален ризик, без родителска грижа и во згрижувачки семејства, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Упатувајќи честитки до Михајловски, претседателката Сиљановска-Давкова оценила дека изборот во 50-те финалисти, претставува огромно признание и легитимитет за неговата континуирана работа, примената на иновативните методи и постигнатите значајни успеси во образовниот процес.

Таа ја поздравила севкупната хуманитарна работа на Михајловски, вклучително и поддршката на образовниот процес на деца-онколошки пациенти, како и ангажманот за заштита на животната средина преку реализација на низа проекти заедно со учениците.

Претседателката изразила очекување дека Михајловски со своето сестрано вложување во професијата, со неговата визија за позитивно влијание во средината, ќе продолжи да биде пример и инспирација за секој поединец.

Соговорниците размениле мислење и за состојбите и предизвиците во основното образование, како и за можностите за евалуација на наставниот кадар.

Фото: Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова