Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова – Бегај: Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи и соработка

27/02/2026  15:17

Албанскиот претседател Барам Бегај, заедно со македонската претседателка Силјановска – Давкова порачаа дека Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи и соработка. Велат дека меѓу двете земји нема отворени прашања, што е дополнителен импулс во унапредувањето на соработката. Одличните пријателски односи се градат само врз меѓусебна почит, доверба, партнерство и заедничка визија за европската иднина. Членството во ЕУ не е само државна или национална цел на двете земји, туку  заеднички проект и стремеж за целиот регион и нема поголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан од членството во ЕУ, истакнаа тие.

-Кога немате отворени прашања, имате основ за соработка во сите области. Уште еднаш, денеска и покрај напредокот, потенциравме дека има простор за зголемување на трговската размена и за инвестициите. Има неискористен материјал меѓу бизнис заедниците. Треба да се валоризира. Потребна е натамошна инфраструктурна заедничка активност и поврзаност – рече претседателката на заедничката прес-конференција по средбата.

Една од главните теми на кои разговарале со Бегај била и онаа поврзана со европската перспектива, која, како што рече претседателката е поблиска за Албанија.

-Јас при секоја средба изразувам задоволство од чекорењето на Црна Гора и Албанија, во кои гледам европски чекори и за целиот Западен Балкан. Се разбира дека цврсто сме определени за членство во Европската унија. До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на право, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции – рече Сиљановска-Давкова.

Двајцата претседатели веруваат дека нема поголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан од членството во ЕУ.

-Јасно ни е дека во моментов она што е најважно во овој свет на неизвесност е обостраната приврзаност на европската, меѓународна и безбедносна политика. Тоа не прави отпорни на притисоци и на влијанија. Македонија и Албанија имаат извонредна соработка во рамки на НАТО и оти со оглед на непредвидливите глобални предизвици, партнерството внатре во НАТО е важно. Секогаш сме давале и ќе продолжиме да даваме заеднички придонес во заштитата на мирот, не само регионалниот, туку и пошироко- рече македонската претседателка.

Албанскиот претседател Бегај вели дека за повеќето прашања за кои разговараат на средбите се согласуваат и оти така треба да постапуваат две соседни држави – како земји партнери со доверба и земји сојузници во НАТО.

-Во текот на нашиот разговор ние ги оценивме како многу добри и пријателски односите што ги имаме како земји соседи и заедничката посветеност да се унапреди билатералната соработка, регионалната и пошироката соработка во рамките на меѓународните организации. Нагласивме и дека односите помеѓу нашите земји претставуваат пример за регионалната соработка и дека нашите две земји продолжуваат да бидат решителни уште повеќе да ги продлабочат овие нивоа на соработка, рече Бегај.

Додаде дека иако немаат извршни улоги и функции во разговорот со Сиљановска-Давкова се осврнале и на договорите што ги имаат потпишано Владите.

-Ваквата институционализација во рамките на ваквата соработка директно влијаеше и придонесе за подобрувањето на животот на нашите граѓани и државјани. Економската соработка помеѓу нашите држави е значајна. Таквата соработка е овозможена и од геопозициите наши, нашето членство во ЦЕФТА и нашето патешествие кон Европската Унија. За нас, за нас како Албанија, вашата земја е значаен економски партнер со зголемување на трговските активности и особено во соработката на, во областа на туризмот и транспортот. Но, секогаш има простор и можност за уште повеќе. Има многу неискористен потенцијал, рече Бегај. 

Тој се осврна на улогата на македонското мацинство во Албанија и на Албанците во Македонија, и како и неговата македонска колешка, смета дека тие се мост за создавање врски меѓу двете земји.

-Албанците во Северна Македонија и Македонците во Албанија продолжуваат да бидат силен мост за пријателство и соработка помеѓу нашите две земји. Албанија ги цени историските постигнувања со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Ние искрено го цениме секој напор да се создаде мултиетничко и функционално општество преку целосно спроведување и имплементација на овој договор и почитување на обврските коишто произлегуваат од тој договор. Цениме дека правичната, достоинствената и соодветната застапеност на Албанците во државните институции и целосното спроведување на Законот за употреба на јазиците во однос на албанскиот јазик, кој се однесува и е дел од идентитетот на Албанците и запазување на механизмите за рамноправност, не се просто техничко прашање, туку претставуваат суштински елемент за социјална кохезија, за институционалната стабилност и европската перспектива, рече претседателот на Албанија Бегај.

Во однос на, како што рече, најважната тема за регионот – европската интеграција, Бегај смета дека тоа не е само државна или национална цел за Албанија или за земјава, туку заеднички проект и стремеж за целиот наш регион.