
Унгарија нема да гласа за продолжување на сегашните санкции против руски и белоруски поединци на претстојниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
– Треба да се остави време за американско-руски разговори, рече Сијарто во Вашингтон, пренесе МТИ.
Пред средбата со американскиот советник за национална безбедност, Сијарто рече дека „европските либерални политичари јасно сакаат Украина да ја продолжи војната и вршат притисок врз украинскиот претседател во таа насока“.
– Унгарската влада веќе е под огромен притисок во врска со продолжувањето на санкциите против руските и белоруските граѓани, рече Сијарто, додавајќи дека сегашните санкции истекуваат на 15 март, додека соодветната одлука мора да биде донесена до 10 март.
Сијарто претходно имаше и телефонски разговор со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси по што изјави дека нападите врз нуклеарните централи во Украина се „неприфатливи“, а мирот е најдобра гаранција за нивно избегнување.
Како што наведе, Гроси оценил дека иако нападот на централата во Чернобил со право предизвика загриженост во Унгарија, објектот може да издржи многу поголем удар.
– Затоа, ниту по инцидентот, ниту оттогаш нема закана од нуклеарна катастрофа, сите мерења потврдија дека радијацијата воопшто не е зголемена. Сепак, се согласивме дека нападите врз нуклеарните централи се неприфатливи и дека нуклеарната безбедност мора да биде загарантирана, напиша Сијарто на Фејсбук.
Тој, исто така, истакна дека двете страни силно ги поддржуваат напорите на САД за ставање крај на војната во Украина.