Skip to main content
Свет

Сијарто: Унгарија ја поддржува средбата Трамп-Путин, ЕУ се обидува да ја саботира

11/08/2025  22:03

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изјави дека важноста на претстојната средба меѓу американскиот и рускиот претседател „може да се види од Месечината“, но дека ЕУ се обидува да ја саботира.

-Ја повторив позицијата на Унгарија дека решението за војната во Украина не е на фронтот, туку на преговарачката маса. Американско-рускиот договор дава најголема шанса за мир, поради што Унгарија ја поздравува и со нетрпение ја очекува претстојната средба меѓу двајцата претседатели, рече Сијарто во објава на Фејсбук.

Тој нагласи дека Унгарија постојано се залага за прекин на огнот, мировни преговори и зачувување на дипломатските канали, дури и кога, како што изјави, тоа беше цел на европските и американските политички лидери.

-За жал, мораме да констатираме дека политичарите од Европската Унија кои се залагаат за војна го користат секој преостанат ден до петок за да го поткопаат патот кон мирот и да го спречат успехот на средбата меѓу Трамп и Путин, предупреди шефот на унгарската дипломатија.

Сијарто заклучи дека Унгарија е заинтересирана за успех на средбата на највисоко ниво, дека ќе ја обезбеди целата потребна поддршка и дека ќе вложи максимални напори за да ги спречи обидите од Брисел да ја нарушат или отежнат средбата.