Skip to main content
Свет

Си-Ен-Ен: Американските фирми и потрошувачи сносат 90 проценти од трошоците за царините на Трамп

15/02/2026  18:18

Нов извештај од Федералните резерви на Њујорк го покажува она за што економистите долго време предупредуваат, товарот на царините речиси целосно го носат граѓаните и компаниите на земјата што ги наметнува. Со други зборови, земјата што наметнува царини, во овој случај САД, всушност ги оданочува сопствените потрошувачи и економија, јави Си-Ен-Ен.

Според податоците од таа институција, во текот на 2025 година, американските компании и потрошувачи платиле речиси 90 проценти од вкупните трошоци за увозни царини. Таквиот заклучок не е изненадување, бидејќи Националното биро за економски истражувања, како и Конгресната канцеларија за буџет, дојдоа до слични резултати претходно, наведува медиумот.

Иако извештајот од филијалата на Федералните резерви во Њујорк не ја специфицира точната распределба помеѓу компаниите и потрошувачите, анализата на Конгресната канцеларија проценува дека компаниите донекаде ќе ги намалат своите маржи на профит за да го ублажат ударот, но дека најголемиот дел од трошоците, околу 70 проценти, сепак ќе бидат префрлени на крајните клиенти преку повисоки цени. Се проценува дека странските извозници, за кои претседателот на САД Доналд Трамп тврди дека ќе го сносат поголемиот дел од трошоците, ќе придонесат само околу пет проценти.

Конкретно, царините би значеле просечно зголемување на даночниот товар од околу 1.000 долари по домаќинство во 2025 година, според непартиската Даночна Фондација (Tax Foundation). Toа значи дека просечното американско семејство индиректно платило значителен дополнителен трошок преку поскапи стоки.

Иако ваквите извештаи се базираат на економска анализа, Трамп претходно покажа дека мислењата на економистите не се одлучувачки за него кога станува збор за царините, кои тој ги нарече „најубавиот збор во речникот“. Сепак, новите податоци доаѓаат во време кога во Вашингтон расте заморот и незадоволството од трговските мерки.

Шест републикански конгресмени им се придружија на демократите во обид да се укинат царините за Канада. Иако таквата иницијатива е малку веројатно да успее, па дури и да помине во Сенатот, претседателот би можел да стави вето, самиот факт што некои републиканци се спротивставија покажува растечки поделби во партијата. Трамп потоа се закани со „последици“ за секој што ќе гласа против царините.

Дополнителна неизвесност внесува очекуваната одлука на Врховниот суд за легалноста на воведените царини, што би можело значително да влијае на целата трговска политика на администрацијата. Во меѓувреме, Белата куќа ја брани својата економска стратегија, истакнувајќи дека инфлацијата ослабнала, а корпоративните профити се зголемиле, и покрај повеќекратните зголемувања на просечната царинска стапка.

Од Белата куќа тврдат дека комбинацијата од даночни олеснувања, дерегулација, царини и поголемо производство на енергија ги намалува трошоците и го поттикнува економскиот раст. Сепак, многу граѓани сè уште го чувствуваат притисокот од високите трошоци за живот и сè повеќе ги обвинуваат претседателот и републиканците за ситуацијата.

Предизборното ветување за брзо намалување на цените не е целосно реализирано.

На пример, извештајот за работни места во јануари покажа зголемување од 130.000 нови работни места, речиси двојно повеќе од очекувањата. Сепак, речиси целиот раст дојде од здравствениот сектор, додека другите сектори забележаа минимален раст или пад.

Во текот на целата 2025 година, дури 97 проценти од вкупниот раст на вработеноста дојде од областа на здравството и социјалната заштита.

Економистката Дајан Свонк ја опиша таа ситуација како економија што стои на „едноножни столчиња“, потпирајќи се на тесни извори на раст. Покрај здравствената заштита, тоа е и високата потрошувачка на богати поединци и огромните инвестиции на технолошките компании во вештачка интелигенција. Таквата структура на раст може да изгледа стабилна на хартија, но во исто време ја открива кршливоста на пошироката економска основа.