
Навивачката група на Шкупи, „Шверцери“, в сабота во Скопје ќе протестира како знак на револт поради неможноста организирано да присуствува на квалификацискиот натпревар меѓу Албанија и Србија во Тирана.

Протестот ќе се одржи на плоштадот „Скендербег“ од 20:45 часот, терминот за кога е закажан почетокот на натпреварот меѓу двете балкански селекции. На „Шверцери“ не им биле доделени билети од Фудбалската федерација на Албанија и затоа се револтирани.
„Сакаат да нè поделат, но не можат тоа да го направат со билети, правила и наредби. Ние сме глас на трибината кој никогаш не запира. Ние сме ‘Шверцери’, црвено-црни. Или си со нацијата или си против неа“, пишува, меѓу другото, во соопштението од навивачката група од Чаир.
Претходно, бојкот на натпреварот најавија и навивачките групи од Албанија поради начинот на купување на билетите. На најжестоките фанови не им биле доделени влезници, туку мора да си купат онлајн, а за околу 22 илјади места аплицирале над 200 илјади луѓе.