
Шведска преговара за продажба на меѓу 100 и 150 борбени авиони „Сааб ЈАС Грипен“ на Украина, изјави денеска премиерот Улф Кристерсон по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски рече дека Украина има намера да ги воведе и да почне да ги користи „Грипен“ веќе од следната година.
-За нашата армија, „Грипен“ се приоритет, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со Кристерсон.
Двајцата лидери го посетија Линкопинг, на југот на Шведска, и локалната фабрика на „Сааб“, производителот на борбениот авион „Грипен“ ЈАС 39.
-Целосно сме свесни дека имаме долг пат пред нас. Но, од денеска ние сме посветени на истражување на сите можности за снабдување на Украина во иднина со голем број борбени авиони „Грипен“ , рече Кристерсон.
Можноста за испорака на „Грипен“ во Украина се разгледуваше во последните две години, но беше одложена за да може Киев да се фокусира на воведувањето на американските борбени авиони Ф-16 што започна минатиот август.
„Грипен“ е во употреба од 1996 година, а „Сааб“ вкупно произведе околу 280 авиони.