
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, истакна дека проектот БРТ е единственото функционално и одржливо решение за решавање на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје.
Во гостување на Сител телевизија, Шукова зборуваше за својата визија и програма за враќање на духот на градот и подобрување на квалитетот на животот.
„Сметам дека БРТ мора да се реализира прво, затоа што е брз и ефикасен систем, второ затоа што средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој и трето затоа што претставува одржливо, еколошко и безбедно решение за транспорт во градот,” рече Шукова.
Таа додаде дека првата фаза од БРТ линијата од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче и Аеродром е целосно подготвена за реализација.
„Мора да му дадеме шанса на овој проект. Реалната проценка е дека првата линија може да биде завршена во рок од 2,5 до 3 години по распишувањето на тендерот,” нагласи Шукова.
Покрај транспортот, таа ја истакна и потребата од подобрување на комуналните услуги како редовно одржување на јавната чистота, донесување на законот за комунална полиција и уредување на претоварната станица Вардариште. Потсети дека проектот „Смарт Сити” е реализиран само делумно, во областа на јавното осветлување додека останатите бенефити од дигитализацијата сè уште не се имплементирани.