Skip to main content
Скопје

Шукова: Старата чаршија без хаос, без нечистотија, со душа и светлина

10/10/2025  15:05

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска говореше за програмата каде се опфатени плановите за обнова и ревитализација на Старата Скопска Чаршија, симболот на духот и историјата на градот.

„Старата Скопска Чаршија е душата на Скопје. Денес Чаршијата е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа. Но, таму каде што другите гледаат проблем, јас гледам можност,” изјави Шукова, нагласувајќи дека враќањето на сјајот на Чаршијата ќе биде еден од нејзините клучни приоритети.

Шукова најави сеопфатна акција за чиста, безбедна и функционална Чаршија: секојдневно одржување, поставување нова урбана опрема, јавно осветлување и Wi-Fi зони, без да се менува автентичниот изглед на Чаршијата.

„Нашата цел е Чаршијата конечно да добие центар за управување под целосна надлежност на Град Скопје. Без лавиринти меѓу институции, туку ефикасна, брза и транспарентна администрација за сите што живеат и работат таму,” додаде таа.

Шукова истакна дека е предвидена и поддршката за дуќанџиите и занаетчиите, најави буџетска помош за реконструкција на дуќани, правна и финансиска поддршка, како и отворање на „отворени школи за занаети и мајсторски работилници”.

Во фокусот на нејзината програма е и културата. Со реновирање на Сули Ан и создавање услови за студентите по ликовна уметност, како и отворање уметнички ателјеа и културни програми, Шукова најави дека „уметноста не смее да живее во распаднати ѕидови.”

Нејзината визија вклучува и дигитална трансформација на Чаршијата преку развивање на онлајн платформа за туристи, нови јазични обележја, подобрена пешачка инфраструктура и вклучување во европски културни рути.

„Ова не е уште едно ветување. Ова е визија што ја враќа Чаршијата како живо срце на Скопје, бидејќи ние се бориме за нашиот дом,” порача Шукова.