Skip to main content
Скопје

Шукова: Систем за собирање отпад со ред, календар и функционален сервис за жителите на Скопје

16/10/2025  15:57

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, најави дека во првата година од нејзиниот мандат ќе воспостави јасен и предвидлив систем за собирање отпад по денови и видови, бидејќи само така ќе има ефикасна селекција на отпадот во градот.

„Понеделник – пластика и хартија, вторник – комунален, среда – биоразградлив, со јасен календар и транспарентност. Граѓаните сакаат да селектираат, само треба да им овозможиме систем што функционира”, изјави Шукова во гостување на подкастот „Каде се парите?”.

Таа најави дека ќе се инвестира во нова опрема и инфраструктура, модерни камиони, контејнери и дигитална платформа на која граѓаните ќе можат да го следат распоредот за собирање отпад и да пријавуваат неправилности.

„Не ветувам чуда во првите 72 часа, ветувам ред и систем што ќе остане. Скопје ќе добие функционална комунална инфраструктура”, порача Шукова, додавајќи дека воспоставувањето ред во управувањето со отпад е основа за чист, организиран и европски град.