
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, ги престави главните столбови на нејзината програма од мерките против загадувањето, јавниот превоз до културното живеење на градот. Како најсуштинска промена, Шукова го најави отворањето на Центар за селекција и рециклажа, кој ќе овозможи 50% од отпадот да се рециклира наместо да завршува на депонија.
„Скопје мора конечно да го расчисти најголемиот срам – загадениот воздух, дивите депонии и недостатокот на зеленило. Ова не е партиска тема, туку здравствено и човечко прашање за секој граѓанин“, изјави Шукова.
Притоа најави решенија што „ќе почнат веднаш“ – вклучувајќи ги Дрисла, Вардариште, отпадот, парковите, загадувањето и екологизацијата на јавниот простор.
„Ќе го оградиме Вардариште, ќе поставиме 24/7 обезбедување и ќе ставиме крај на дивото фрлање и палење ѓубре. Паралелно, Дрисла ќе добие нова механизација, а процесот на управување со отпадот ќе биде под стручна и јавна контрола. Тоа го должиме на секој скопјанец“, истакна таа.
Во тој контекст таа го најави отворањето на Центарот за селекција и рециклажа, кој ќе овозможи 50% од отпадот да се рециклира наместо да завршува на депонија.
„Ќе поставиме паметни контејнери, ќе промовираме селекција од домаќинствата и ќе ја отвориме економијата на рециклирање. Отпадот е ресурс – само треба некој конечно да се фати со работа, а не само со изговори“, рече таа.
Во планот за здрава и зелена животна средина, Шукова вклучува и проект за урбано зеленило.
„Во првите 15 месеци – 15 нови паркови и 10.000 нови дрвја. Ќе засадиме, ќе одржуваме и ќе го раззелениме секое маало. Зеленото Скопје не е луксуз, тоа е основа за здравје и живот“, порача Шукова.
Најави и субвенции за приклучување на централно греење за домаќинствата кои сè уште се греат на дрва.
„Ние ќе го поддржиме секој граѓанин кој сака да премине на почист начин на греење. Загадувањето нема да го решиме само со апели, туку со конкретна помош и одговорна политика“, додаде таа.
Посебно внимание е посветено и на уредувањето на реката Вардар и кејот, како нов простор за рекреација и екологија.
„Ќе воведеме еко-патрола 24/7 долж Вардар, ќе уредиме пешачки и велосипедски патеки, нови зелени површини и ќе го направиме кејот гордост на Скопје. Тоа треба да биде место за дружење, не за отпад“, рече Шукова.
На крајот, таа го најави и проектот за зелени кровови на јавни згради.
„Во првата година – 10 зелени кровови кои ќе ја намалат урбаната топлина, ќе ја подобрат климата и ќе понудат нов јавен простор. Овие мали, но важни потези го прават градот попријатен и похуман“, порача кандидатката.
Зборувајќи за културното живеење во Градот таа рече дека Скопје е град со душа, но таа последниве години е напуштена.
„Сакам да ѝ ја вратиме, културната енергија, урбаниот дух и јавниот простор на граѓаните“, изјави Шукова, најавувајќи големи инвестиции во културна инфраструктура, младински простори, туризам, урбана уметност и семејна рекреација.
„Плоштадот, Чаршијата, Калето, Водно, Матка тие треба да бидат нашето лице, а не заборавени точки. Ќе ги уредиме, ќе поставиме туристичка сигнализација и дигитални мапи, и ќе понудиме културни рути за граѓаните и туристите“, истакна Шукова.
Особено внимание ќе се посвети на јавната уметност и поддршка за младите уметници.
„100 нови мурали во сите делови на градот. Тоа ќе бидат дела на млади луѓе кои ќе имаат шанса да создаваат, да се изразат, да го разубават градот. Скопје ќе стане галерија на отворено“, најави таа.
Клучен проект во програмата е трансформацијата на ГТЦ во младински и стартап центар.
„Без да се наруши архитектурата на ГТЦ, ќе ги активираме празните локали за културни и бизнис иницијативи на млади луѓе. Ова ќе биде отворен, урбан простор за креативност и нова енергија“, порача Шукова.
Во планот се вклучени и големи инфраструктурни проекти како изградбата на нов Конгресен центар до 2028.
„Скопје мора да стане град на меѓународни настани, саеми, конференции. Ќе изградиме Конгресен центар за 3.000 посетители, со модерна инфраструктура за паралелни настани и културни програми“, рече таа.
Шукова најави и создавање на Градски волонтерски центар.
„Во духот на Скопје од ’63, ќе изградиме организирана мрежа волонтери кои ќе помагаат во кризни ситуации, настани, и ќе бидат поддршка за старите лица. Волонтерството ќе стане дел од градската политика“, порача таа.
Меѓу клучните цели е и подготовката за 2028, кога Скопје ќе ја понесе титулата Европска престолнина на културата.
„Ова е шанса еднаш во генерација. Ќе ја искористиме за да го обновиме културниот живот, да ги вмрежиме уметниците, да креираме фестивали, платформи и сцени низ градот“, додаде кандидатката.
На самиот крај, таа го претстави и проектот Скопје Авантура првиот комплекс од овој тип во регионот.
Вои делот за јавниот транспорт таа посочи дека утринските и попладневните гужви станале секојдневие, а јавниот превоз заглавен во минатото. Таа најави визија притоа за модерен, брз и човечки сообраќај, како дел од Топ 20 проекти од нејзината програма.
„Граѓаните на Скопје се изморени од губење време, од прегреани автобуси, од хаотичен сообраќај. Потребни ни се конкретни решенија, а не импровизации“, рече Шукова на презентацијата на своите проекти.
„Првата линија Ѓорче Петров – Ново Лисиче како дел од БРТ системот, ќе биде пуштена во употреба до 2027 година. Во исто време, почнуваме со подготовка на втората, север-југ оска. Ова е долгорочно, европско решение кое целосно ќе го промени начинот на движење низ градот“, изјави таа.
Шукова најави и целосна дигитализација на ЈСП, нови еколошки автобуси, GPS-систем поврзан со мобилна апликација, дигитални табли и казни за уништување на возила или возен ред.
„Јавниот превоз ќе стане сигурен, достоинствен и достапен. За ранливите категории обезбедуваме субвенции. Ниту еден граѓанин нема да биде оставен на маргина“, истакна таа.
Покрај тоа, Шукова го најави и стартот на 10 крупни сообраќајни проекти:
„Мостот Влае – Карпош 4, тунелот под Лимак, мостот ‘Обединети Нации’ – тоа се зафати кои ќе го растоварат метежот и ќе заштедат илјадници часови изгубени во колони.“
Посебен акцент стави и на безбедноста. Со проектот „Зона 30“, брзината на повеќе клучни улици ќе се ограничи на 30 km/h, а пешачките премини и сигнализацијата ќе се унапредат.
„Безбедноста на децата ни е врвен приоритет. Овие улици мора да бидат безбедни, осветлени и прегледни. Ниту едно дете не смее да биде во опасност додека оди до училиште“, рече Шукова.
Во сообраќајната програма се вклучени и решенија за пешаци и велосипедисти: ослободување на тротоарите, изградба на нови вело-патеки и воведување на зона без камиони во центарот.
„Тротоарите не се паркинзи. Ќе воспоставиме 24/7 служба што ќе ги отстранува непрописно паркираните возила. Центарот на Скопје ќе дише, а не ќе биде затнат со товарен сообраќај“, истакна Шукова.