Skip to main content
Скопје

Шукова: Архитектите и експертската јавност ќе ја предводат ревитализацијата на Скопје

25/08/2025  14:36

Архитекти и експертска јавност ќе го предводат обновувањето и ревитализацијата на Скопје,  најавува Каја Шукова кандидатката за градоначалник на главниот град од редовите на СДСМ. Таа на социјалните мрежи напиша дека сегашната сликата за Скопје е урбан хаос, непланско и нестандардизирано градење без креативни и функционални решенија и сето тоа се должи на криминалното работење на локалната власт.

„Градот, кој пост-земјотресот се обновуваше согласно тогаш најмодерните архитектонски решенија, логично и со визија за неговиот раст, која во својата есенција го имаше хуманото живеење, здрава животна средина, автентичен стил и култура поставени со урбанистичко решение на големиот Кензо Танге – основоположник на архитектонскиот структурализам, денес наликува на бетонска џунгла која се зголемува и шири без никаков план, стил и емпатија. Сето ова е резултат од криминалното работење на локалната власт раководена од ВМРО- ДПМНЕ и нивната, како што велеа најуспешна менаџерка – хаос, непланска и агресивна урбанизација”, напиша Шукова на социјалните мрежи.

Наместо урбана метропола, Скопје е заложник на бизнис зделки, а истото го нуди и кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓеорѓиевски кој е продолжена рака на Данела Арсовска, пишува Шукова. Таа смета дека молчењето на Ѓеоргиевски за урбанистичкиот хаос е само негово ново продолжување.

„И наместо нивниот нов кандидат за градоначалник на Скопје Орце, да го осуди урбаното дивеење низ Скопје, тој молчи, а молчењето значи поддршка. И молчењето значи дека Орце ќе биде само новото продолжение на Данела Арсовска, режирано од истиот партиски центар на моќ и воден од истите тесно-партиски пориви. Плановите за урбан развој на Скопје, кој би ги понудил Орце никако нема да се разликуваат од реалноста која ја живееме изминатите 4 години, со оглед дека тој не ја осудува досегашната урбанистичка политика напротив, сосем природно плива во рамките на истата. А тоа Скопје веќе не може да го издржи!”, напиша Шукова.

Таа вели дека не е против градењето туку против крадењето и немањето ред и план. 

“Ние сме за урбано, хумано и планирано Скопје. Урбанизацијата мора да биде за граѓаните – не против нив. Тоа значи квалитетен живот, јавен простор, зеленило, инфраструктура и достоинствено домување. Нашето Скопје функционира според Генерален урбанистички план од пред 13 години, од што последиците ги трпат граѓаните урбан хаос кој секојдневно го гуши животот на скопјани. Затоа, уште на почетокот на мојот мандат, ќе ја заживееме идејата за Фондација развоен институт Скопје, ентитет што ќе ја организира активната соработка меѓу градот, академската и стручна заедница, граѓанските здруженија и сите засегнати актери на екосистемот. Таа ќе има за цел да воспостави нови практики за правилен системски развој на градот и неговата трансформација во одржлив, зелен, економски, културен и урбан центар. Тој процес ќе биде основа за носење на новиот ГУП пред крајот на првата година од мојот мандат”, најави Шукова. 

Шукова исто така посочува дека стратешките правци на развој на градот не смеат никогаш да зависат од политичката желба и амбиција на поединци како што беше примерот со проектот Скопје 2014-та. Туку Скопје мора да има хумано и организирано живеење.