
Германскиот авиогигант „Луфтханза“ се соочува со сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај поради најавената 24-часовна стачка на пилотите, закажана за утре, 12 февруари. Од компанијата оценуваат дека станува збор за „целосно непотребна ескалација“, но се очекува протестот да приземји голем број авиони и да предизвика проблеми за десетици илјади патници.
Еднодневната стачка ја организира синдикатот на германските пилоти „Кокпит“ (Vereinigung Cockpit – VC), а ќе ги опфати пилотите од главното подразделение на авиокомпанијата, како и од товарниот сектор „Луфтханза Карго“. Спорот меѓу синдикатот и раководството се води околу условите за пензионирање, за кои преговорите траат подолг период, но досега без конкретен договор.
Од синдикатот најавија дека стачката ќе ги погоди сите летови што полетуваат од германските аеродроми во текот на четвртокот, што веќе предизвикува откажувања и промени во распоредот на летови.
Директорот за човечки ресурси во „Луфтханза“, Михаел Нигеман, остро реагираше на одлуката за штрајк, наведувајќи дека компанијата нема финансиски можности да ги исполни барањата во нивната сегашна форма. Според него, решение може да се постигне единствено преку продолжување на преговорите.
Најголемиот притисок се очекува на аеродромите во Франкфурт и Минхен, каде информативните табли веќе покажуваат десетици откажани летови, вклучително и на долги релации. Од авиокомпанијата информираат дека патниците ќе бидат пренасочувани кон летови на други превозници од групацијата или партнерски компании.
Ситуацијата дополнително се усложнува откако синдикатот на кабинскиот персонал „УФО“ ги повика своите членови во регионалниот превозник „Ситилајн“ (CityLine) исто така да се приклучат на штрајкот. Причина за нивниот протест е планираното прекинување на операциите на ова друштво и несогласувањата околу социјалниот план за вработените.

