
Со зголеменото воено присуство на САД во близина на Иран и без договор со Техеран, растат проценките дека Вашингтон би можел да нареди воен напад. Би-Би-Си анализира седум можни сценарија за тоа како би можел да се развие конфликтот, доколку дојде до американска интервенција.
1. Ограничени удари и пад на режимот со демократска транзиција
САД спроведуваат прецизни воздушни и поморски напади врз базите на Иранската револуционерна гарда, паравоените сили Басиџ, ракетните постројки и делови од нуклеарната инфраструктура. Ослабениот режим колабира, а Иран тргнува кон демократски промени и повторна интеграција во меѓународната заедница. Иако ова сценарио звучи најпозитивно, искуствата од Ирак и Либија покажуваат дека ваквите интервенции ретко носат стабилна демократија.
2. Режимот опстојува, но ја менува политиката
Во ова сценарио, познато како „венецуелски модел“, режимот во Техеран преживува, но под силен воен и политички притисок е принуден да ги ублажи своите политики. Тоа би значело намалување на поддршката за паравоени групи во регионот, ограничување на нуклеарната и ракетната програма и помала репресија внатре во земјата. Аналитичарите оценуваат дека ваков развој е малку веројатен, со оглед на децениската отпорност на иранското раководство кон промени.
3. Пад на режимот и воспоставување воена власт
Многумина го сметаат ова за најреално сценарио. Иако режимот е непопуларен, безбедносниот апарат и „длабоката држава“ се силно вкоренети. По американскиот напад, власта би можела да ја преземе воена структура предводена од Иранската револуционерна гарда, наместо цивилна демократска власт.
4. Ирански контранапади врз американски сили и сојузници
Иран повеќепати најави дека ќе одговори на секој напад. Иако не може директно да се мери со американската воена моќ, Техеран располага со балистички ракети и беспилотни летала. Американските бази во Бахреин и Катар, како и инфраструктурата на сојузничките земји во регионот, би можеле да станат цели, што ги прави земјите од Заливот исклучително загрижени.
5. Минирање на Ормутскиот теснец
Една од најсериозните закани е можноста Иран да го минира Ормутскиот теснец – клучна поморска рута низ која минуваат меѓу 20 и 25 проценти од светската нафта и голем дел од извозот на течен природен гас. Таков потег би предизвикал глобални економски потреси и нагло зголемување на цените на енергенсите.
6. Потонување на американски воен брод
Иранската морнарица, особено силите на Револуционерната гарда, развива тактики на асиметрично војување, вклучително и напади со „рој“ од дронови и брзи чамци. Иако ова сценарио се смета за малку веројатно, евентуално потонување на американски воен брод би било огромен удар за САД и би можело драстично да ја ескалира војната.
7. Пад на режимот и целосен хаос
Најмрачниот исход е целосен колапс на државата и долг период на хаос. Во ваков вакуум на власт, етничките и регионалните тензии би можеле да прераснат во вооружени конфликти, со ризик од граѓанска војна и масовна бегалска криза. Иако многумина во регионот би го поздравиле крајот на Исламската Република, малкумина се подготвени за последиците од дестабилизација на земја со над 90 милиони жители.
Според анализата, најголемата опасност лежи во тоа што одлуката за напад може да биде донесена без јасна стратегија и крајна цел, што би можело да отвори конфликт со долгорочни и тешко предвидливи последици за Блискиот Исток и светот.
