Skip to main content
Хроника

Штипјанка ја удрило возило во кое немало возач, додека таа се движела по тротоар

10/09/2025  13:12

Четириест и осумгодишна жена е повредена на тротоар од автомобил, во кој немало возач. Несреќата се случи на булеварот „Партизанска“ кај штипскиот Градски стадион и објектот на Нептун. Повредената жена е хоспитализирана на одделението за ортопедија во Клиничка болница Штип.

Дежурниот ортопед за МИА информира дека пешакот има скршеница на лева петна коска, а вакви комплицирани операции не се прават во штипската болница и ќе биде транспортирана на Клиничкиот центар во Скопје.

Според очевидци несреќата се случила околу 8 часот, кога паркирано возило без возач тргнало и удрило во жена пешак на булеварот.

Возилото било паркирано на бензинска пумпа, но само тргнало преминало на спротивната страна на булеварот и удрило во 48 годишна жена пешак која се движела по тротоарот. Надлежните од СВР-Штип најавуваат повеќе детали во текот на денот.