Skip to main content
Хроника

Штипјанецот Асанов го смени исказот пред судот: Двајца непознати ми ставија вреќа на глава и ме врзаа за дрво

08/04/2026  15:59

Починатата Борјанка Николова ја затекнал падната на скалите во купатилото, како лежи со главата свртена кон подот. Сакал веднаш да пријави во полиција но немал кредит на телефонот. Вака денеска сведочеше 74 годишниот Денис Асанов од Штип, кој е обвинет за убиството на 79 годишната Николова.

Според него истата вечер двајца млади луѓе му ставиле вреќа на глава и го врзале за дрво, а потоа почнале да копаат дупка во неговиот двор. 74 годишниот Асанов го спомна и неговиот очув кој како што рече им се придружил на двете лица и му се заканил да молчи, во спротивно ќе го запалат.

Асанов од судијката Јулијана Недкова побара да му изрече ослободителна пресуда, бидејќи како што рече „никогаш во животот ни кокошка не заклал, а камоли човек”.

Починатата Борјанка ја познавал само три месеци и често спиела кај него. Асанов денеска пред судницата во Основниот суд во Штип го смени првичниот исказ даден пред истражните органи.

Вештакот од Судска медицина посочи дека од обдукцијата на дел од трупот жртвата имала скршени осум ребра, а повредите на градниот кош укажуваат на силен притисок, најверојатно нанесен со колено. Нејзиното тело е пронајдено најмалку две недели по смртта, а недостасувале главата и нозете, кои биле отстранети по настапувањето на смртта.

Идентитетот на жртвата бил потврден преку ДНК анализа.

Судскиот процес во Основниот суд во Штип продолжува на 21 април во 10.30 со завршни зборови на одбраната и обвинителот од Основното јавно обвинителство-Штип.