Skip to main content
Македонија

Штети од милиони евра по пожарот во паркот Езерани

23/07/2025  18:12

Изгорена е речиси половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ во Преспа. Во пожарите, кои во текот на месецов неколкупати се разгоруваа, се уништија околу 200 хектари трска, над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, околу 100 хектари на ливадски заедници, околу 30 хектари шуми од евла, околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари преодни вегетациски типови од најблиското крајбрежје на езерото, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра.

Според анализата Македонското еколошко друштво, пламените јазици прогоатаа над 500 хектари површина, главно природа. Околу 50 отсто од зафатените површини на заштитеното подрачје се шуми и овоштарници и се целосно уништени.

„Половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра. Искрено жалиме за штетата која ја претрпе Преспа и се обврзуваме дека и во иднина ќе продолжиме да работиме на подигање на јавната свест за значењето на природата“, вели Лазар Николов од МЕД.

Од Паркот на природата велат дека пожар од вакви размери досега немало. Изминатите години во и околу паркот, се случувале помали пожари кои се карактеристични во периодот февруари-април кога вегетацијата е многу слабо равиена, заради што и немало големи последици. За разлика од сега, сушниот период во подрачје со многу лесно и брзо горлива вегетација, допринесе за пожар од ваков интензитет и размери кој предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Езерото.

Паркот на природа „Езерани“ е заштитено подрачје од IV-та катергорија според Законот за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а претставува и национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава. (Мета)