Skip to main content
Свет

Шпанија се подготвува за топлотен бран – температурите над 40 степени

27/06/2025  18:11

Шпанија се очекува да го доживее својот прв топлотен бран годинава, со максимални температури кои ќе надминат 40 степени Целзиусови, според денешните предвидувања на државната метеоролошка служба АЕМЕТ.

Од сабота, за 75 проценти од сите општини во земјата се предвидува низок, среден или висок здравствен ризик. Највисоки температури, кои ќе достигнат до 43 степени, се очекуваат во јужната провинција Андалузија.

Жителите на Сарагоса на североисток исто така треба да се подготват за високи температури, пренесе ДПА.

На луѓето им се препорачува, доколку е можно, да не излегуваат од дома во најжешките периоди од денот. Сепак, ниту ноќта нема да донесе вистинско олеснување, со температури кои се очекува да останат над 30 степени, дури и по полноќ.

За време на таквите тропски ноќи, температурата се спушта на околу 25 степени само рано наутро, а потоа почнува повторно да расте по околу 6 часот наутро.

Топлотниот бран би можел да трае до четврток.

Периодите на интензивна топлина сега се појавуваат порано во годината, а експертите причината ја припишуваат на климатските промени предизвикани од човекот.

Според АЕМЕТ, само два топлотни брана биле забележани во јуни помеѓу 1975 и 2000 година, додека девет се случиле помеѓу 2000 и 2024 година.

Годинава, веќе во мај, се појавија температури од околу 40 степени Целзиусови – временски услови кои се потипични за август. (МИА)