Skip to main content
Спорт

Шпанија и Португалија во финалето на Лигата на нации

06/06/2025  09:19

Актуелниот европски шампион, Шпанија, е вториот финалист во фудбалската Лига на нации откако синоќа ја победи Франција со 5-4 (2-0) во полуфиналето во Штутгарт.

Головите за Шпанија ги постигнаа Нико Вилијамс (22 минута), Микел Мерино (25), Ламин Јамал (54-пенал, 67) и Педри (55), додека стрелци за Франција беа Килијан Мбапе (59-пенал), Рајан Черки (79), Дани Вивијан (84 – автогол) и Рандал Коло Муани (90+4).

Ова е трето финале за Шпанија во кое ќе се бори за својата втора титула в недела во Минхен против Португалија, која, исто така, ќе се обиде по втор пат да триумфира во Лигата на нации, откако го освои премиерното издание на ова натпреварување во 2019 година во Порто.

Шпанија со победата над Франција ја продолжи импресивната серија од 21 натпревари без пораз во сите натпреварувања, со 16 победи и пет нерешени, откако последен пат загуби со 0-2 од Шкотска во квалификациите за Европското првенство во март 2023 година.