Skip to main content
Скопје

Шопова од Коалицијата за зелена иднина: Карпош повеќе не смее да биде каталог на инвестиции

11/10/2025  18:36

Кандидатката за советничка во Советот на општина Карпош од Коалицијата за зелена иднина, Љубица Шопова, во видео-обраќање го пренесува гласот на младите, уметниците и алтернативната културна сцена, нагласувајќи дека културата мора да се врати во јавниот простор на општината.

„Коалицијата за зелена иднина го носи гласот на младите, уметниците и алтернативната културна сцена што преживува по подруми, меѓу гаражи и на привремени сцени,” вели Шопова, додавајќи дека општина без јавен простор за култура е општина со тивко срце.

„Кога плочникот, дворот, напуштената хала или малиот парк стануваат сцена, се буди заедништвото — се буди Карпош”, порачува Шопова.

Шопова нагласува дека јавниот простор припаѓа на сите граѓани и граѓанки.

„Јавниот простор е право на сите карпошани и карпошанки, а не милост. Му припаѓа на сите на бендовите, на сликарите, на поетите,” нагласува Шопова.

Таа остро реагира и на последиците од неконтролираната урбанизација.

„Денес, зеленилото ни е узурпирано од бизнис-интереси, бруталната урбанизација го стеснува здивот и го задушува културниот импулс”, вели Шопова и додава дека Карпош повеќе не смее да биде каталог на инвестиции, туку отворена мапа на јавни места каде талентот и различноста се видливи.

„Карпош како заеднички дом што создава, а не само што троши; што вклучува, а не исклучува,” порачува кандидатката за советничка во Советот на Општина Карпош од Коалицијата за зелена иднина, Љубица Шопова.