
Министерката за образование и наука Весна Јаневска откри сериозни неправилности во функционирањето на дел од приватните високообразовни институции, посочувајќи дека еден институт бил регистриран во простории на кладилница.
Одговарајќи на новинарско прашање за прилагодувањето на приватните универзитети кон новиот Закон за високо образование, Јаневска изнесе загрижувачки детали од контролите спроведени од Министерство за образование и наука.
„Најбрутален пример беше кога Комисијата на МОН направи проверки во еден институт – беше регистриран во кладилница, во задниот дел, каде што своите функции требаше да ги врши на две столчиња и два душека. Ние водиме 34 високообразовни институции во земјава и апсолутно е недозволиво што под превезот на институти се одвиваат други дејности“, изјави Јаневска.
Овие институции, како што посочи таа, имале право да издаваат дипломи кои се признаваат и во државата и во странство, што отвора сериозни дилеми за квалитетот и кредибилитетот на високото образование во земјава.
Министерката нагласи дека новите законски решенија се темелат на европски практики и имаат за цел да воведат повисоки стандарди во научната и образовната дејност.
„Ова се мерки кои се значајни и неопходни за да се подобри квалитетот на високообразовната научна дејност. Да, тешко е да се обезбедат 10 доктори на науки, но со оглед на тоа што имаше висока продукција на кадар, им препорачувам на институциите да ги ангажираат тие луѓе“, истакна Јаневска.
Таа информираше дека работната верзија на законот ќе биде финализирана во понеделник вечер, по што ќе влезе во владина и собраниска процедура.
Со најавените измени, се очекува значително заострување на критериумите за работа на високообразовните институции, со цел елиминирање на нерегуларностите и подигнување на квалитетот на образованието во земјата.

