Skip to main content
Македонија

Шок во Скопје: Автобус со деца фатен со неисправни сопирачки и 37 патници повеќе од дозволеното

03/04/2026  17:18

Сериозни неправилности биле утврдени при контрола на автобус кој вршел организиран превоз на деца во Скопје, откако полицијата открила дека возилото било преоптоварено и технички неисправно.

Денеска (03.04.2026) во 07:45 часот на булеварот „Борис Трајковски“, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот извршиле контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје.

При контролата било констатирано дека во автобусот се превезуваат вкупно 85 патници, иако дозволениот број според сообраќајната дозвола е максимум 48. Возачот Ј.Д. (63) од Скопје превезувал дури 37 патници повеќе од дозволеното, при што најголемиот дел биле деца.

Дополнително, врз возилото бил извршен и вонреден технички преглед во овластена станица, при што биле утврдени сериозни технички недостатоци. Според наодите, автобусот имал неисправни сопирачки – и на работната и на помошната кочница, како и оштетено ветробранско стакло, што претставува ризик за безбедноста во сообраќајот.

Поради утврдените неправилности, против правниот субјект, одговорното лице и возачот се преземени соодветни мерки, а тие ќе се соочат со законски санкции. Автобусот е исклучен од сообраќај сè до отстранување на дефектите.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.